Културата и традицијата на Црна Гора од вечерва се достапни за јавноста во ресторанот Виа Игнација во Вевчани во т.н. црногорска соба. Собата е опремена со автентични предмети и експонати карактеристични за Црна Гора, а ја отворија министерот за надворешни работи на Црна Гора Срѓан Дармановиќ, црногорскиот амбасадор во Република Македонија Предраг Митровиќ и иницијаторот на проектот Небојша Батковски.

Собата, според Дармановиќ, ќе придонесе за натамошно јакнење на врските меѓу двете пријателски држави, чии односи се темелат на отвореност и доверба.

-Со отворањето на собата црногорската заедница во Република Македонија добива репрезентативен објект, кој од денеска претставува важно место не само за собирање на членовите, туку и за зајакнување на историските, научните, културните и другите врски со својата матична држава, истакна Дармановиќ.

Македонскиот и црногорскиот народ, како што истакна Баткоски, имаат заедничко минато, но и иднина, а за тоа секако ќе придонесе и отворањето на оваа црногорска соба.

-Црногорската соба ќе ја збогати и туристичка понуда на Вевчани, кое покрај карневалот, изворите и другите убавиби сега ќе има уште едно место кое ќе биде мотив да го посетат туристите, рече Баткоски на отворањето.

Црногорскиот амбасадор во Македонија, Митровиќ нагласи дека собата е еден од мостовите меѓу Македонија и Црна Гора, каде во иднина ќе се среќава црногорската заедница во земјава. Проектот, додаде тој се реализирал за околу една година.



Автор: Администратор
Објавено на: 23/11/2018 10:31