Во општина Берово започнува акција за легализирање на дивите приклучоци за вода. Целта како што истакна Зоран Аговски, директор на Јавното претпријатие за комунални работи „Услуга”, е да запре т.н. кражба на вода, со што најдоцна до 31 декември, дивите корисници на вода ќе имаат можност да станат легални корисници на услугите на претпријатието.

-Со оваа акција сакаме да го запреме неовластеното и самоволно приклучување на водоводната мрежа. Без одобрение на давателот на услугата не може да се врши приклучување на водоводната мрежа. Легалното приклучување предвидува поставување водомер, истото се врши исклучиво од страна на наши екипи и затоа апелираме до сите диви корисници да се пријават и да поднесат барање за легално приклучување на водоводниот систем, вели Аговски.

Додава дека пријавувањето за нов приклучок на дивите корисници ќе трае најдоцна до 31 декември 2018.

После овој период како што најавуваат од претпријатието, доколку биде констатиран нелегален приклучок преку кој се врши кражба на вода, против сторителите ќе се врши примена на мерките согласно кривичниот закон за прекршоци од ваков вид.



Автор: Администратор
Објавено на: 23/11/2018 10:33