Четириесеттина еминентни византолози од десетина држави од Европа учествуваат во работата на шестиот по ред Меѓународен симпозиум „Денови на Јустинијан Први“ што под тематскиот наслов „Државата и империјата“ овие два дена ќе се одржува во Охрид и Ресен.
Собирот организиран од Универзитетот „Евро-Балкан“, Институтот за национална историја на Република Македонија и Универзитетот во Болоња веќе претставува препознатлив настан во светската византологија, оттаму што третира бренд каков што претставува самиот феномен Јустинијан Први.
-Јустинијан ја симболизира обединетоста, споделувањето цивилизациски вредности што им припаѓаат на сите луѓе кои живееле на овие простори, независно временската и просторната рамка. Ние со овој симпозиум само го истакнуваме тој придонес, тоа културно наследство што ни припаѓа, истакна проф.др. Митко Панов од Институтот за национална историја и претседател на Меѓународниот организициски и научен комитет.
Ѓорѓе Николов, заменик-деканот на Факултетот за историја на Универзитетот во Софија од своја страна рече дека собирот во Охрид ќе биде добра можност да се чујат најновите научни сознанија во областа на византологијата, историјата, уметноста.
-Јустинијан не е значаен само за овој регион, неговите дела се многу поголеми. Не случајно тој е вториот император после Константин е наречен Велики. Може да се каже дека Јустинијан е најголемиот император на раното средновековна Византија и неговите влијанија што можат да се видат тука, особено во Охрид, е знак за неговото силно присуство тука. Дури и поголемиот дел од историските споменици во Охрид се изградени токму во негово време, што е знак дека Охрид е најдоброто место за организирање научен собир што го носи неговото име, рече Николов.
Сите трудови и излагања на познати научници од универзитети во Шпанија, Грција, Италија, Романија, Албанија, Бугарија, Русија, Србија, Македонија што ќе бидат презентирани во рамки на симпозиумот „Денови на Јустиниан Први” ќе бидат објавени во посебен Зборник, како нови истражувачки сознанија и аргументи за културното и политичкото влијание на Византиското Царство чие впечатливо цивилизациско наследство, архитектура и духовна традиција со векови опстојуваат на Балканот и во Македонија.
Јустинијан Први (483-565) бил император во чие време Византиската Империја имала најголем подем. Роден е во Таурисиум, во околината на Скопје (денеска село Таор) и градот го нарекол Јустинијана Прима. Заслужен е за ширењето на христијанството, оставил грандиозни градителски дела и го кодифицирал класичното римско право, а неговата улога во создавањето на византискиот Комонвелт во науката се толкува како зачеток на идејата за обединета Европа.