Со цел исполнување на скромните детски желби, отсега за сите оние кои посакуваат да подарат насмевка на децата без родителска грижа и децата во социјален ризик, ќе можат да го направат истото на поедноставен начин преку онлајн донации – https://sos.org.mk/zvezdeno%20nebo/, соопшти СОС Детско село.
– Од денес на влезот на Cineplexx во Skopje City Mall во Скопје е поставено посебно катче за сите оние кои сакаат да ги заменат незаменливите. Секој кој што ќе донира преку специјалната касичка на СОС детско село или он-лајн преку специјален таблет на лице место, ќе ја има можноста да стане дел од ѕвезденото небо на СОС Детско село. Потребно е само желба да се помогне, се наведува во соопштението.
СОС Детско село реализираше социјален експеримент во Cineplexx во Скопје, со цел да се поттикне свеста за донирање кај граѓаните и да се истражи колку е моќна желбата да се помогне на оние на кои најмногу им е потребно. Неколку анонимни лица подготвија специјални видео-пораки за своите најмили. Тие беа емитувани на големото платно и нивните најблиски беа целосно изненадени од најмоќната порака на светот „Те сакам“.
– Најсилната реакција ја предизвика контрасната порака на детето без родители кое со своите желби за семејство и љубов ја потсети публиката во кино салата за важноста на помошта и донирањето за децата без родителска грижа и децата во социјален ризик во Македонија како и дека секое дете заслужува љубов и соодветни услови да сонува и да успее во животот, додава СОС Детско село.