Градоначалникот на општина Велес Аце Коцевски информира дека на почетокот на месецов разговарал со претставници на компанијата „КЕПС-МОНТ ГРОУП” ДОО, кои со одлука на Владата од септември годинава, концесијата за згурата од велешка Топилница ја откупија од компанијата „Еко центар 97″ .
Тие му најавиле дека по сите неопходни подготовки, со извозот на згурата со тешки метали ќе започнат до крајот на годинава или на почетокот на 2019. На час ќе поминуваат по два камиони со згура, а процесот на превоз од Велес до Солунското пристаниште и оттаму за Малезија ќе трае во наредните неколку години.
-Разговарав пред 15-тина денови со нивниот менаџерски тим и оценувам дека плановите им се многу сериозни. Како подготовка на процедурата за извоз тие имаат ангажирано врвни експерти од земјава на чело со проф. д-р Трајче Стафилов од Институтот за Хемија, кои работат на изготвување еколошки елаборат. По сите подготовки до крајот на годинава или на почетокот на идната, тие треба да започнат со транспортот на згурата од ридот од велешка Топилница и тоа со камиони до Солунското пристаниште, а оттаму до Малезија, појасни Коцевски.
Тој информира дека згурата ќе се транспортира со камиони, специјални возила, а инсистирал тие да бидат специјални и херметички затворени, за при транспортот згурата со тешки метали да не се растура и да не загадува.
-Ние побаравме детално да не информираат, за да дадеме одобрување за нивните елаборати.Сето тоа од претпазливост, а во никој случај не сакаме транспортот којшто ќе биде низ нашите улици да предизвика ново загадување на животната средина, потенцира Коцевски.
Воедно појасни дека пред транспортот, згурата треба да се исчисти од градежниот шут и други материи присутни на ридот.
-Очекувам во наредните години сето ова успешно да заврши и да добиеме почиста животна средина во Велес, потенцира Коцевски.
Инаку ридот со згура лоциран веднаш до Топилницата настанат од 30 годишното работење на капацитетот, според мерењата на стручњаците кои изработија и студија за него, е тежок 1,7 милиони тони. Зафаќа простор од 33 илјади кубни метри, а содржи околу 10 проценти цинк, еден процент олово, како и други тешки и токсични метали: кадмиум, бакар, арсен, индиум, талиум и други.
Овие отровни материи, ветрот со години наназад ги носи во градот и се опасност за здравјето на граѓаните.
Експертите во студијата за згурата која беше изработена пред неколку години, утврдија неколку пати повисоки концентрации во околината, најизразени во почвата во градот, но и на други локации околу Велес, како околу старите бунари од кои градот порано се снабдуваше со вода.
Црниот рид со згура со тешки метали е една од десетте жешки „Црни точки” на загадување во животната средина во Македонија, за кој стручњаците со години наназад преку разни студии и бројни научни конференции бараа решавање на проблемот. Црниот рид пред дваесетина години беше покриен со црни најлони, но од дувањето на ветровите тие се искинаа и тој повторно беше откриен и неговата прашина при секој ветер се разбесуваше и сеуште се разнесува кон градот. Затоа експертите како едно од нивните решенија бараа од надлежните тој да се покрие целосно со глина или друг материјал, што беше финансиски скап проект, но тие оценија дека најдоброто решение е тој трајно да се отстрани од градот.
Воедно градоначалникот Аце Коцевски освен овој проблем со ридот од згура, очекува и успешно завршување на преговорите за купување на зградите на велешката Топилница, која не работи од 2003 година. Тој очекува Топилницата ден поскоро да се продаде и да се претопи за старо железо, по што планира општината да премине на други фази на пренамена на овој простор за други потреби на граѓаните на Велес.