Турција денеска соопшти дека ЕУ „малку ги поминала границите”, повикувајќи на ослободување на курдскиот опозициски политичар Селахатин Демирташ, кој се наоѓа во затвор повеќе од две години.

Високата претставничка на ЕУ за надворешна политика и безбедност Федерика Могерини на вчерашната заедничка прес-конференција во Анкара со турскиот министер за надворешни работи Мевлут Чавушоглу, изрази надеж дека Демиташ ќе биде ослободен „наскоро”.

Могерини „малку ги премина границите. Јас и го кажав тоа за време на нашата средба“, изјави Чавушоглу во интервју за турскиот телевизиски канал Си-Ен-Ен-Турк.

Во септември, Демирташ, поранешен лидер на прокурдската Демократска народна партија (ДПН), кој беше затворен во ноември 2016 година, беше осуден на повеќе од четири години затвор под обвинение за терористичка пропаганда поврзана со неговиот говор во 2013 година. Против него, се почнати и други обвиненија за тероризам, за кои, ако биде прогласен за виновен, може да биде осуден на 142 години затвор.

Турција ја обвинува ДПН за врски со забранетата Курдистанска работничка партија (ПКК).

Европскиот суд за човекови права во вторникот пресуди дека Турција го прекршила правото на брзо судење на Демирташ и дека продолжувањето на мерката притвор во неколку наврати, била политички мотивирана и не може да се оправда. Турскиот претседател Реџеп Тајип Ердоган ја отфрли таа пресуда, велејќи дека не е обврзувачка за Анкара.



Автор: Администратор
Објавено на: 23/11/2018 19:56