Британската премиерка Тереза Меј предупреди дека ако договорот за Брегзит не помине во британскиот Парламент, тоа ќе предизвика поголема поделба и несигурност.
Ова предупредувања Меј го упати преку Радиото 5 на Би-Би-Си. В недела на самит во Брисел, се очекува ЕУ и Велика Британија да го финализираат договорот за Брегзит и политичката декларација за идните односи меѓу двете страни. Потоа Тереза Меј треба да добие одобрение од Парламентот. Но, тоа е неизвесно поради противењето на голем број политички партии, дури и на пратеници од нејзината партија.
– Тој договор е најдобар договор, кој одговара на праксата, на она за што гласаа луѓето на референдумот за Брегзит во јуни 2016 година, рече Меј.
-Мојата работа сега е да ги убедам луѓето во Парламентот, додаде таа.
-Ако договорот не помине таму, ќе се вратиме на местото каде што започнавме. Ќе се најдеме во ситуација на уште поголема несигурност и поделба, предупреди Меј.
Премиерката одби да каже дали ќе поднесе оставка ако Парламентот не го прифати договорот. Таа призна дека е разочарана од оставките на неколкуте министри, кои не се задоволни од нацрт-договорот. Меј, исто така, рече дека добива и пораки за поддршка на договорот. Како израз на поддршка, таа кажа дека добила цвеќе, па дури и торта со нејзиниот лик на врвот, направена од 9-годишно девојче. Тереза Меј утре оди во Брисел на состанокот со претседателот на Европската комисија, Жан-Клод Јункер.