Клупи, канти за отпадоци и друга комунална опрема што општина Куманово ја постави неодамна, деновиве повторно е мета на вандалско однесување. Дрвените подлоги за седење и потпирање се откорнати, уништени се канти за смет на повеќе места во Куманово, меѓу нив и во Соколанскиот парк.

-Дрвените подлоги прецизно се демонтирани, изјави денеска, градоначалникот Максим Димитриевски.

Пред петнасетина дена беа уништени сите канти за смет во централното градско подрачје, информираше Димитриевски.

И новиот парк бил мета на вандалско однесување, биле искршени новите клупи, а ѕидовите биле исшарани со графити.

Тој и денеска, повторно апелираше граѓаните да го пријават ваквото однесување во полицијата, а надлежните служби да реагираат.

Димитриевски информираше дека случајот на уништувањето на опремата ќе биде пријавен во полицијата.

-На овој начин се создава штета и на општината и на граѓаните кои одмараа на клупите. Ќе обезбедиме дополнителни средства за набавка на опрема и за поправка на уништената, изјави Димитривески.

Тој потсети дека општината има ангажирано чуварски служби на неколку локации на Спомен костурницата, градскиот кеј, но дека тие не можат да имаат целосна контрола на просторот на овие локации, бидејќи зафаќаат поголема површина.

-Апелирам да го сочуваме заедничкото добро сите заедно, порача Димитриевски.



Автор: Администратор
Објавено на: 24/11/2018 00:07