Шестотини илјади евра вреди поддршката од ИПА програмата за проекти во општина Неготино, информираат од неготинската локална самоуправа.
-ИПА проектот со акроним „wa-mbrella“ опфаќа изградба на главен колектор за отпадни води, за приклучување на селото Тимјаник во системот за отпадни води на Неготино, во должина од околу 2.000 метри, подготовка на техничка документација за довршување на колекторскиот дел во градот во должина од 400 метри, подготовки на документација за пречистителна станица, како и одржување конференции, инфо-денови со вклучена јавност и завршен настан. Буџетот за општина Неготино е 286.140 евра. За партнерот 4-ЈП„Комуналец“, проектот опфаќа набавка на опрема за одржување на канализациони системи-возило за отпушување јами и канализации и набавка на геофони за детектирање на загубите на вода во водоснабдителниот систем во општина Неготино. Вредноста за ЈП„Комуналец“ е 195.338 евра, соопштуваат од општината.
Со проектот „Енергетска ефикасност во прекугранична област како индикативен фактор на политиката за животна средина „ЕНПОЛ-ЕЕ“, се предвидува замена на 1.400 светилки со енергетски ефикасни (1.110 во градот и 300 во населените места) и 45 мерни броила.
-Планирани се интервенции во 15 простории во општинската зграда за подобрување на енергетската ефикасност. Вредноста на проектот за општина Неготино е 315.979 евра, додаваат од локалната самоуправа.