Вкупно 24 стипендии за одлични ученици кои учат во СОУ „М. М Брицо“ и за студенти кои студираат на државните факултети е предвидено согласно објавениот конкурс на Општина Делчево.
Како што истакна раководителот на Одделението за правни и општи дејности, Сузана Петровска, ова е 10 година како oпштината доделува стипендии.
-Стипендиите се поделени на четири категории и за сите е предвидено доделување стипендии за по шест ученици кои ќе аплицираат и ќе ги исполнуваат условите. Првата категорија е за одлични ученици кои потекнуваат од семејства со ниски приходи и таа ќе изнесува 1000 денари. Втората категорија стипендии е наменета за талентирани ученици кои имаат континуиран успех од 5,00 и износот на оваа стипендија за оваа година е зголемен и ќе изнесува 1500 денари, рече Петровска.
Додаде дека во категориите за студенти кои студираат на државните универзитет во земјава се предвидени 12 стипендии.
-Во категоријата редовни студенти со континуиран успех од 8,00 кои потекнуваат од семејства со ниски примања, износот на стипендијата ќе изнесува 2.000 денари, додека за судентите кои постигнале особено висок просек е предвидена стипендија од 3,500 денари, односно за студентите од техничките факултети и од медицинските насоки апликантите да имаат просек од најмалку 8,00, а за студентите на факултетите од општествените насоки да имаат просек од 9,00, рече Петровска.
Изборот на студентите и на учениците кои ќе ги добиваат овие стипендии ќе го врши соодветна Комисија, а истата ќе се доделува девет месеци почнувајќи од јануари 2019 година.