Американските власти почнаа со лобирање кај своите сојузници против користењето опрема, произведена од кинеската компанија Хуавеи, објави весникот „Волстрит џурнал“.

Весникот наведува дека американски функционери, наводно се среќаваат со свои странски колеги и директори на телекомуникациски компании во нивните земји, предупредувајќи ги на ризиците и сомнителната кибернетичка безбедност поради користење Хуавеи уреди.

Челните луѓе на безбедносните агенции ФБИ, ЦИА и НСА изразија загриженост дека Хуавеи, но и други кинески компании, се во подредена положба поради можни долговори кон кинеската Влада или владејачката Комунистичка партија, пто го зголемува ризикот од шпионажа.

Во мај годинава, американското Министерство за одбрана веќе забрани употреба на Хуавеи и ЗТЕ телефони, а сега се обидува да ги забрани и во партнерските земји, наведува весникот.

Според „Волстрит џурнал“ Вашингтон размислува за зголемување на финансиската помош за развој на телекомуникации за оние земји кои нема да употребуваат кинеска опрема. Американската Влада посебно е загрижена поради користењето кинеска телекомуникациска опрема во државите каде има воени бази, како што се Германија, Италија и Јапонија.

Хуавеи сè уште не ги коментираше овие обвинувања.



Автор: Администратор
Објавено на: 24/11/2018 13:09