Со целовечерен концерт утре во МКЦ во Скопје, културно уметничкото друштво „Дримкол“ од Вевчани ќе одбележи „70 години организиран фолклор во Вевчани“. Во рамките на концертот ќе биде прикажан и документарен филм кој со архивски снимки и слики ќе сведочи за оваа долга и континуирана традиција на организиран фолклор од првиот настап на 11 Октомвриските свечености во Скопје во 1947 година до денес.

Во другиот дел на програмата, како што информира Јасмина Бебекоска задолжена за односи со јавност во друштвото, ќе настапи пејачката група „Каданка“ со изворни песни од ЦД-то „Долетало лично пиле“, кое „Дримкол“ го промовираше во чест на јубилејот. Фолклорниот ансамбал на „Дримкол“ ќе ја прикаже и орската традиција на Вевчани, на Струшко поле и на Власите од Горна Белица, Струшко.

-Скоро секоја година одржуваме по еден наш целовечерен концерт во Скопје. Тоа го правиме заради наши Вевчанци што живеат тука, но, и заради наши пријатели, соработници, поддржувачи кои редовно ја следат нашата работа. Со таквите концерти успеавме низ годиниве да создадеме наша верна публика пред која секогаш ни е задоволство да настапуваме, истакна Бебекоска.

Со концертото во Скопје, додаде, ги заокружуваат сите свечености посветени на јубилејот „70 години организиран фолклор во Вевчани“.

– Фолклорот и традицијата во Вевчани се многу постари, датираат уште од настанокот на Вевчани, Вевчанскиот карневал е пример за тоа, но, ние одбележуваме организирана форма на фолклор кој некогаш организирано во играорна група, а денес преку КУД „Дримкол“ се негува, презентира и промовира низ годиниве во земјава и странство, изјави Бебекоска.

Поради големиот интерес за концертот КУД „Дримкол“ најавува уште еден концерт до крајот на годината.



Автор: Администратор
Објавено на: 24/11/2018 15:28