Француската полиција употреби солзавец и водени топови врз демонстрантите во Париз за време на протестот поради зголемување на цените на горивото и незадоволството од работата на претседателот Емануел Макрон.

Неколку стотици демонстранти се собраа на познатата улица Шанзелизе, каде полицијата ги спречи да тргнат кон Елисејската палата. Дел од демонстрантите ја пееја националната химна, а други носеа транспаренти „Макрон, оставка“ и „Макрон, крадец“. Претходно властите предупредија дека нема да дозволат на тоа место да се одржат протести и им предложија на незадоволните граѓани да се соберат околу Ајфеловата кула, малку подалеку од ценатрот на градот.

Тензиите ширум Франција се зголемуваат бидејќи на протестите минатиот викенд учествуваа повеќе од 250.000 луѓе. Францускиот министер за внатрешни работи Кристоф Кастанер повика на мир и најави остри полициски мерки во случај на немири. Само во Париз се ангажирани околу 3.000 припадници на безбедносните сили.

Аналитичарите сметаат дека повеќето демонстранти се незадоволни од работата на Макрон, кого го обвинуваат дека ги поддржува богатите, а ги занемарува проблемите на обичните луѓе.

Макрон застана во одбрана на зголемување на цените на горивото, нагласувајќи дека таа мерка е неопходна со цел да се намали зависноста на Франција од фосилните горива, најавувајќи дека на почетокот од следната недела ќе претстави нови планови за олеснување на „енергетската транзиција“.



Автор: Администратор
Објавено на: 24/11/2018 15:55