Социјалната заштита на локално ниво и отворање на Дневен центар за лица со посебни потреби, беа главните теми на денешниот разговор меѓу градоначалникот на Општина Карпош, Стефан Богоев и претставници од градот Сандефјорд, Норвешка.

На средбата, градоначалникот Богоев ги презентираше социјалните политики што ги води Општината за поранливите категории на граѓани.

Хуманитарните активности, донирањето на пехранбени продукти и финансиска поддршка за лекување на нашите сограѓани е нешто што Општината тековно го работи.

-Сепак, локалната самоуправа има реална потреба и од отворање на Дневен центар за лица со посебни потреби. Општината не е во завидна финансиска состојба, но вложуваме напори за подготовка на овој проект, знаејќи ја потребата од инклузија на овие лица во сите аспекти од општественото живеење, рече Богоев.

Претставниците од Сандефјорд споделија искуства од својот град. Се интересираа за поделбата на надлежностите меѓу локалната власт и Министерството за труд и социјална политика, волонтирањето и општествената одговорност која треба да ја покажуваат повеќе чинители.

Градоначалникот Богоев сподели искуства и за проектот со лични асистенти за децата со посебни потреби кој се спроведува меѓу локалната самоуправа и UNDP. Исто така, повикот за општествена одговорност кон фирмите резултираше со опремување на голем број од детски установи – градинки со прочистувачи за воздух, со цел заштита на најмладите од аерозагадувањето.

На оваа соработка, претходеа и повеќе средби и работилници во ООУ „Братство“ кое претставува партнер училиште на НДЦ Скопје и во истото се спроведува концепт за интеркултурно образование, во соработка со Министерството за образование и наука, како и со Амбасадата на Норвешка во Република Македонија.

На крајот од средбата, присутните изразија иницијатива за понатамошно продлабочување на соработката меѓу двете општини.

Одделение за односи со јавностa ОПШТИНА КАРПОШ



Автор: Администратор
Објавено на: 24/11/2018 16:03