Земјите членки на ЕУ ја одобрија спогодбата за напуштање на Обединетото Кралство на ЕУ и политичката декларација, напиша на Твитер претседателот на Европскиот Совет, Доналд Туск.

-Сега е време сите да преземат одговорност, овој договор е потребен чекор за градење доверба и за следната фаза на ова амбициозно партнерство без преседан, изјави Мишел Барние, шефот на европскиот преговарачки тим пред почетокот на Самитот.

Како што јави дописничката на МИА од Брисел, претседателот на Европската комисија, Жан Клод Јункер, изјави дека е ова е тажен ден и дека напуштањето на Обединетото Кралство е трагедија.

Година и половина им беше потребна на Лондон и Брисел да се договорат за спогодбата за повлекување, како и политичката декларација која ја поставува рамката на идното партнерство меѓу двете страни по Брегзит.

Спогодбата за повлекување предвидува решение за ирската граница која на многумина во Британија не им се допаѓа бидејќи оценуваат дека на тој начин Северна Ирска ќе стане „економска колонија на ЕУ“.

Топката е сега во рацете на британскиот Парламент кој треба да ја одобри спогодбата, но мнозинството на премиерката Тереза Меј е слабо и ситуацијата е неизвесна.

Меј ќе им се придружи денеска на останатите 27 шефови на држави и влади на ЕУ во Брисел.



Автор: Администратор
Објавено на: 25/11/2018 13:39