Британската премиерка Тереза Меј изјави дека за разлика од нејзините колеги во ЕУ, денеска не се чувствува тажно. Според неа, не е потребен втор референдум во Велика Британија за членство во ЕУ. Таа избегна јасен одговор на тоа дали ќе поднесе оставка ако нејзиниот договор за повлекување на ЕУ не добие поддршка во британскиот Парламент.

На прес-конференцијата по денешната седница на Европски совет, таа рече дека е оптимист во врска со иднината на нејзината земја и дека пред Британија се појавува светла иднина. Меј очекува дека пред Божик Долниот дом во британскиот Парламент ќе се произнесе за постигнатиот договор, пренесува БТА. Таа наведе дека ова е единствениот можен договор и не може да се очекува повторување на преговорите.

– Британците не сакаат повеќе да се расправаат, туку сакаат договор во согласност со резултатот од референдумот. Постигнавме најдобар можен договор. Најдобрите денови се пред нас. Парламентот во Лондон е должен да ја исполни волјата на гласачите. Луѓето одлучија да ја напуштат ЕУ и верувам дека довербата во политичарите ќе се искаже со поддршка на договорот, рече Меј.

Според неа, ако договорот не ја добие потребната поддршка, тоа би довело до поголема поделба и несигурност. Прашана дали ја споделува тагата на другите шефови на држави и влади на ЕУ, која денеска беше изразена речиси едногласно, Меј одговори негативно.

– Јас разбирам дека другите се тажни. За нас е важно да се движиме напред, додаде британската премиерка.



Автор: Администратор
Објавено на: 25/11/2018 15:19