Околу 200 натпреварувачи од Македонија и од земјите од поранешните југословенски простори, денеска учествуваа на првиот полумаратон што се одржа низ улиците на Прилеп. Покрај полумаратонската трка во должина од 21 километар, натпреварувачите ја трчаа и рекреативната трка на пет километри.

Божидар Чаушоски, претседател на Атлетско рекреативниот клуб „Лотус", кој беше организатор на двете денешни трки, нагласи дека е задоволен од одзивот и од организацијата на првиот ваков спортски настан и покрај тоа што времето не беше наклонето за учесниците.

– Посебно е задоволството и честа што првпат во Прилеп се одржува ваков полумаратон. Се е обезбедено за учесниците кои, покрај од Македонија, дојдоа и од поранешните ју-републики. Се надевам дека ова ќе стане убава традиција, рече Чаушески

Полумаратонот го поддржаа и лицата со хендикеп од Ресен, кои трчаа под мотото „Сите сме исти".

-Јас сум од Ресен, лице со даунов синдром. Возам велосипед кој сам си го купив и сакам да покажеме дека сите сме исти со желба да рекреираме. За жал, немаме спонзори, а догодина сакам на велосипед да ја поминам Македонија, изјави Васил Јанкула од „Еко Дром", Охрид.

Тони Ангеловски, тренер на Васил, вели дека целта е да се подигне свеста за еднаквоста. -Васил постигнува многу, работиме и сме со намера да покренеме иницијатива на велосипед да ги посетиме сите клубови во македонија на лицата со посебни потреби, рече Ангеловски.

Отворајќи го првиот меѓународен полумаратон, прилепскиот градоначалник Илија Јованоски истакна дека со денешната трка, Прилеп влезе на атлетската мапа на поширокиот регион.

– Имаме околу 200 натпреварувачи, гости од соседните држави и сите заедно ќе покажеме дека ги поддржуваме спортот и младите, кои се во најголем број учесници на денешната трка. И понатаму ќе даваме несебичен придонес и поддршка на спортот, истакна Јованоски.

Организаторот, атлетскиот клуб „Лотус", најавува дека овој спортски настан ќе стане традиционален.



Автор: Администратор
Објавено на: 25/11/2018 17:12