Дебар денеска се прости од градоначалникот Ружди Љата, кој по кусо и тешко боледување почина вчера на 65-годишна возраст.
Членови на семејството, голем број негови роднини и пријатели и претставници на институции, градоначалници, муфтии и имами од Македонја, Албанија и од Косово, присуствуваа на комеморативната седница одржана во големата сала на Центарот за култура.
-Беше човек со големо срце, кој зад себе остави големи дела, човек кој даде голем придонес во изградбата на Дебар во европски град, во негувањето на соживотот и верската толеранција. Иако физички нема да биде меѓу нас, неговиот дух и дела секогаш ќе бидат со нас, рече меѓу другото претседателот на Собранието на Република Македонија,Талат Џафери, искажувајќи длабоко сочувство до семејството од свое и од име на сите пратеници.
Од Љата се простија и лидерот на ДУИ, Али Ахмети, градоначалникот на Чаир, Висар Ганиу од името на ЗЕЛС, претседателот на Советот на општината Башким Машкули, како и првите луѓе на Исламските верски заедници на Македонија, Албанија и Косово, Сулејман Реџепи, Скендер Бручај и Наим Трнава.
Претходно Советот на општина Дебар одржа вонредна седница на која беше донесена одлука за прогласување тридневна жалост(25,26 и 27 ноември).
До неговото вечно почвалиште на муслиманските градски гробишта во Дебар го испртиаја повеќе илјади граѓани.
Љата е роден 1953 годна во Дебар, средно образование завршил на медресето „Алаудин" во Приштина, дипломирал на Филолошкиот факултет во Приштина, на отсектот ориентални јазици, каде се стекнал и со титулата магистер. Од 1980 до 1991 година работел во Исламската верска заедница и професор на Унверзитетот во Приштина на Катедрата за ориентални јазици. Бил професор и на Исламскиот факултет во Скопје и Тетово.
Пред да биде избран за градоначалник на Дебар, во 2013 годна, беше прв човек на дебарското муфтиство, кое ги опфаќа општините Дебар, Центар Жупа и Маврово Ростуше. Во 2017 година граѓаните му ја дадоа довербата по вторпат.