Статија објавена во британскиот дневен весник „Тајмс“ за пропагандни елементи во цртаната серија „Маша и медо“ предизвика запрепастување во руските медиуми и на социјалните мрежи.
Во текстот се цитираат заклучоци од финскиот дневен весник „Хелсингин Саномат“ врз основа на интервју со естонскиот професор Прит Хобермаги од Институтот за комуникации на Универзитетот во Талин, кој вели дека мечокот ја претставува Русија, а главната задача на овој лик е децата да стекнат позитивна слика за оваа земја.
Цртаната серија „Маша и медо“ е многу популарна вон границите на Русија. Англискиот Јутјуб канал има повеќе од четири милиони претплатници. До сега на Интернет овој цртан филм е прегледан повеќе од 40 милијарди пати. Достапен е и преку популарната платформа Нетфликс.
Хобемаги верува дека овој цртан филм е дел од кампања која ја загрозува националната безбедност на Естонија.
Експертот за безбедност на Универзитетот Бакингем, Ентони Гилис, за „Тајмс“ изјави дека „Маша е дрска, по малку и неподнослива, но и многу одлучна“.
– Се обидува да прави повеќе работи во исто време. Не е претерување ако ја споредиме со Путин.
Руските медиуми тврдат дека станува збор за „патолошка русофобија“ на западните медиуми.
– Цртаниот филм „Маша и медо“ повторно предизвика хистерија меѓу западните критичари, пишува „Роскаја газета“. „На Западот тврдат дека Маша се однесува како Путин, а медо влијае на свеста на децата“, стои во текст во дневниот весник „Вести“.
Амбасадата на Русија во Британија реагираше. „Денеска „Тајмс“ иницира многу важно прашање: Како Британија да се спаси од Маша и медо? Да се создаде Центар против цртани филмови некаде на Балтикот? Да се стават сите аниматори и цртани на листа за санкции на ЕУ? Јасно е дека е неопходен одлучен, но и скап пристап кон овој проблем“, напишаа дипломатите во ироничен твит.
Новинарите за кои не може да се тврди дека се на списокот на миленици на Кремљ, понудија едноставно објаснување за оваа ситуација.
– Се разбира дека државните медиуми ќе ликуваат над будалестиот текст од „Тајмс“ за тоа како Маша и медо се пропаганда на Путин. Се тоа е многу предвидливо, пишува Алексеј Ковалев, основач на проект кој се занимава со откривање лажни вести.
– Откако се занимавам со новинарство навикнав пратениците во руската Дума да тврдат дека Хари Потер или Телетабисите се дел од тајна завера против руските деца. Кога и да има лоша ситуација, се лансираат вакви приказни, заклучува новинарот Леонид Рагозин кој работел во руската редакција на Би-Би-Си и Њузвик.
– Цртаниот филм „Маша и медо“ нема да ја освои вашата земја. Денешниот бесмислен текст во „Тајмс“ за тоа како сето тоа е дел од руска хибридна војна баш ме насмеа, изјави еден од водечките експерти за Русија во Велика Британија, Марк Галеоти.
Шефот на студиото „Анимакорд“ Димитри Ловато во интервју за агенцијата Риа новости изјави дека ваквите вести можат да се коментираат само иронично.
– За жал ние немаме добиено никакви државни пари. А не ги ни баравме затоа што ова е чисто комерцијален проект, рече тој.
Ловато вели и дека не постојат никакви политички алузии во овој цртан филм.
Зошто се критикувани некои популарни цртани филмови ?
Цртаниот филм „Том и Џери“ беше обвинет поради расни и етнички предрасуди затоа што еден од ликовите е црна домашна помошничка. Исто така на некои им пречеше што поединечни ликови во цртаниот пушат.
Еден гледач во Америка поднесе пријава против авторот и емитувачот на цртаниот филм „Пчеличката Маја“ затоа што во една епизода наводно се гледа одраз на пенис на кора од дрво. Нетфликс ја повлече спорната епизода од својата платформа.
Во една сцена од цртаниот „Саут Парк“ кој е познат по груби и понекогаш вулгарни шеги, бес предизвика појавување на ликот на прорококт Мухамед во костим на мечка. Авторите на цртаниот добија многу закани, а телевизијата Комеди централ ја исече сцената која предизвика скандал, што пак беше критикувано од страна на многу борци за слобода на говор.
Мики Маус бил забранет во Германија во 1936 година затоа што нацистите сметале дека Волт Дизни е еврин и со самото тоа „создавач на дегенерирана уметност“, а фирерот дополнително го налутило појавувањето на Мики во униформа на руски војник. Подоцна властите во Источна Германија ги забранија цртаните филмови за Мики затоа што сметале дека тоа е дел од американскиот империјализам.
Иако беше многу популарен, цртаниот филм „Симсонови“ привлече многу критики. Некои претставници во руската Дума сметаат дека овој цртан филм е „агресивен и ги потенцира судирите меѓу родителите и децата“. Слично мислат и американските конзервативци. Поранешната прва дама на САД Барбара Буш изјави дека „Симсонови“ се нешто најглупаво што го гледала во животот.