И покрај студеното утро, идеални 20 степени се во домот на семејството Ѓорѓиевски од Куманово, кое веќе трета година се затоплува на гас. Иницијатор да се приклучат кон гасоводната мрежа била пензионираната учителка Мирјана Ѓорѓевска, која вели дека за да се определи за користење на овој енергент, клучна била близината на котларницата, поставена спроти нив, на само неколку метри оддалеченост, во дворот на кумановската гимназија „Гоце Делчев“. Речиси двојно заштедуваат со загревањето на гас на површина од над 200 квадратни метри на два ката во кои живеат две одделни семејства, или вкупно шест лица. Просечно, месечно за грејната сезона што трае од октомври до април издвојуваат по 6.000 денари што, според нивните процени и претходните искуства, за таа површина е сосема прифатливо.
-Првата година не успеавме да ги видиме резултатите на финансиски план, бидејќи почнавме да се грееме од средината на јануари до април, иако таа зима беше една од најстудените, но веднаш можеше да се почуствува поинаков интензитет на топлина што го дава гасот, вели Ѓорѓевска.
Семејството Ѓорѓевски за вкупната инвестиција, која се состоела од набавка на котелот со приклучен бојлер, за приклучокот, за градежни активности, одвоиле од 2.000 до 2.300 евра. Заштедуваат и на топла вода, бидејќи имаат и проточен бојлер. Двајцата сопружници, Мирјана и универзитетскиот професор Ѓорѓи Ѓорѓевски, напоменуваат дека претходно користеле парно греење на дрва низ целата куќа на двата ката, така што доста заштедиле на внатрешната инсталација, радијатори.
-Не е прескапо, со оглед на фактот што ние претходно имавме инсталација бидејќи целата куќа ни беше на парно со огревни дрва, за чија набавка издвојувавме значителни средства секоја година бидејќи користевме од 13 до 14 кубни метри за грејната сезона. Со гасот е многу почисто и не е воопшто тешко за одржување, додава Ѓорѓевска.
Температурата автоматски е поставена на 20 степени прекуден, 17 прекуноќ и на четири степени доколку домаќините не се дома. Сметката расте како што се намалуваат температурите, но вложената инвестиција се враќа за три години.
– Добро би било кога процедурите за приклучокот би биле поедноставни, потребни се дозволи од повеќе институции и иако нив ги обезбедуваат вработените од „Куманово-гас“, сепак доста време се чека за дозволите, вели кумановката.
Семејството Ѓорѓевски планира да купи и шпорет на гас, со што ќе заштеди дополнителни средства што сега ги одвојува за сметката за електрична енергија.
Стручните лица објаснуваат дека енергијата добиена од нормален кубен метар гас со просечна калорична вредност на 33.338 KJ може да се спореди со енергија добиена од согорувањето: 3,5 килограми дрвa, 2,6 килограми камен јаглен, 1 литар гориво, 9,8 киловат-час електрична енергија, 0,78 килограми течен гас (пропан/бутан).
Ѓорѓиевски препорачуваат и надлежните да размислуваат за повисоки субвенции за приклучоците и да се инволивираат и банките со одредени повластени еколошки ставки, со што би се приклучиле поголем број домаќинства и би се спречило аерозагадувањето во Куманово.
Двесте приклучоци на гас во Куманово
Според податоците на надлежното претпријатие, семејството Ѓорѓевски е едно од 43–те индивидуални и колективни единици во Куманово што користат гас за загревање. Од правните лица, 26 објекти се приклучени кон мрежата, од нив 16 се институции. Меѓу нив е и Домот за стари лица „Зафир Сајто“, кој е прва институција приклучена на гас во 2011 година. Објектот е доста голем, со голем број простории што еднакво се затоплени. Топлината што ја дава гасот е поинтензивна, нема потреба од дополнителни грејни тела како што било во минатото, кога установата се загревала на парно греење со нафта.
-Задоволни се и корисниците и вработените во домот. Нашите корисници се повозрасни лица, кои имаат потреба од потопли простории, а тоа го добиваат од загревањето со гас, вели директорот на установата Дејан Стојановски. Бенефициите се повеќекратни и особено се забележуваат на економски план. -Гасот е исплатлив и еколошки енергент и се надеваме дека и останатите ќе се приклучат кон мрежата, инвестицијата се враќа, се заштедуваат средства што можат да се вложат за други намени, вели Стојановски. Надлежните од оваа институција планираат да се снабдат и со шпорети и бојлери на гас, со што би заштедиле дополнителни средства. -Имаме бојлер што е комбиниран, со набавка на два-три бојлери би го зголемиле процентот на употреба на гас, вели Стојановски. „Куманово-гас“ досега има поставено над 200 приклучоци, правни, физички лица, колективни станбени единици, последната што е приклучена е со 120 стана. Досега се приклучени фирми, здравствени ординации, верски објекти, училишта, градинки, установи и институции. Планови на „Куманово-гас“ Осумстотини евра треба да одвојат домаќинствата за приклучок, во согласност со ценовникот донесен од управниот одбор на претпријатието, за што согласност дава и Советот на Општина Куманово. Во моментов цената на кубен метар изнесува 28 денари. -Приклучокот варира, во зависност од капацитетот на мерачот што треба да се инсталира кај потрошувачот, но во 99 проценти кај физичките лица цената е 800 евра, вели директорот на ЈП „Куманово-гас“, Никола Денковски. Надлежното претпријатие „Куманово-гас“ дава можност на 12 месечни рати да се плати приклучокот од осумстотини евра. Општина Куманово во рамките на програмата за намалување на аерозагадувањето нуди и субвенции од 10.000 денари за секој приклучок. Оваа можност ја искористиле само осум граѓани. -Очекуваме станарите од 20 индивидуални и од колективни станбени единици да побараат субвенција, со што бројот дополнително ќе се зголеми, бидејќи сме во фаза на изградба гасен приклучок, вели Денковски. Досега изградената дистрибутивна мрежа на територијата на градот изнесува околу 15 километри. Надлежните од претпријатието велат дека клучна е гасификацијата на големите потрошувачи. -Тука мислам на кумановската болница. Бенефиција од приклучувањето ќе имаат и самата болница и ние како претпријатие, бидејќи е голем поторшувач, но и граѓаните, вели Денковски. Предвидено е и приклучување на училиштата „Наце Буѓони“ и „Толи Зордумис“. Наредниот период ќе се проширува дистрибутивната секундарна мрежа, така што ќе можат да се приклучуваат и домаќинствата. „Куманово-гас“ функционира од 2005 година. Опозицијата во Советот постојано апелира да се забрзаат проширувањето и приклучувањето на мрежата и од домаќинствата и големите потрошувачи, укажувајќи дека претпријатието не може постојано да биде во развој. Во последниот период погласни се размислувањата дека е потребно да се пронајде стратешки партнер и да се забрза процесот на гасификација во општината со 120.000 граѓани. -Што се однесува до барањето стратешки партнер и воспоставување јавно-приватно партнерство, ја поздравувам одлуката на градоначалникот Максим Димитриевски, бидејќи на тој начин ќе влезе свеж капитал и процесот на гасификација драстично би се забрзал, вели Денковски. Но, појаснува дека претпријатието и понатаму ќе продолжи со гасификација, кадровски ќе се доекипира. Од претпријатието ги повикаа граѓаните да дојдат во нивните простории детално да се информираат за постапката, за бенефициите што ќе ги добијат од воведувањето на гасот. -Ќе продолжиме да ја шириме мрежата во секој дел од градот, потенцира Денковски. Гасификацијата – дел од долгорочните мерки за намалување на аерозагадувањето Куманово со почетокот на грејната сезона се најде на непопуларната листа на градови од државата со високо ниво на аерозагадување. Гасификацијата е сместена во долгорочните мерки за намалување на загадувањето, што е и клучно барање и на граѓаните и на претставници на еколошките здруженија. Гасот при согорување не ослободува јаглерод моноксид, сулфурни соединенија, нема пепел, чад, продукт на согорувањето е само водната пареа, која е безбедна за околината и човекот. За да стане подостапна гасификацијата, а со тоа и да се намали аерозагадувањето, сметаат граѓаните, потребна е и поддршка од властите во насока на обезбедување повисоки субвенции не само за приклучок, туку и за набавка на внатрешна инсталација, повластени каматни стапки за одреден период за инвеститори што ќе вложат во гасификацијата. Александра Максимовска