Украинскиот претседател Петро Порошенко побара од Русија веднаш да ги ослободи украинските морнари и бродовите што беа задржани вчера во Керченскиот Теснец.
– Бараме итно да бидат вратени на украинската страна, рече Порошенко и повика на деескалација на кризата.
Попладне, украинскиот парламент ќе го разгледува барањето на Порошенко за воведување воена состојба со траење од 60 дена.
Украина соопшти дека шест морнари биле повредени кога руските погранични сили отвориле оган врз три украински бродови во близина на Керченскиот Теснец, а потоа биле уапсени. Русија и Украина веќе разменија обвиненија за инцидентот, што ги продлабочи тензичните односи меѓу нив, кои произлегуваат од руската аннексија на Крим во 2014 година и поддршката за сепаратистичкиот бунт во Источна Украина.
Рускиот министер за надворешни работи Сергеј Лавров го оквалификува како „провокација” тоа што украински бродови влегле во руските територијални води.
– Прекршени се клучните одредби од меѓународното право, не само во областа на поморскиот закон, туку и во општото меѓународно право, вклучувајќи ја и Повелбата на ОН за морско право од 1982 година и други меѓународни правни инструменти, кои постојано инсистираат сите земјите да го почитуваат суверенитетот на другите држави, рече Лавров, додавајќи дека провокацијата била спроведена под команда на највисокото раководство на Украина.
Лавров ја обвини Украина за употреба на „опасни методи” во Керченскиот Теснец
– Имаше нарушувања и беа употребени опасни методи, што може да создаде закани и ризици за нормалното движење на бродовите во овој морски коридор помеѓу Азовско и Црното Море, рече Лавров.
Австриската министерка за надворешни работи Карин Кнајсл, чија земја е ротирачкиот претседател на ЕУ, предложи утре да се одржи состанок на Комисијата за политика и безбедност на ЕУ поради ситуацијата во Керченскиот Теснец.