Последната анкета на Евробарометарот открива дека мнозинството граѓани во ЕУ стравуваат од дезинформации и кибернапади пред следните европски избори.

Вкупно 61 отсто од граѓаните стравуваат дека изборите можат да бидат изманипулирани преку кибернапади, 59 отсто се плашат од тоа дека странски сили и криминални групи ќе влијаат врз изборите, додека 67 отсто од Европејците се загрижени дека нивните лични податоци на интернет можат да бидат злоупотребени во политички цели, откриваат податоците од Евробарометарот.

Помеѓу 74 и 81 отсто од граѓаните сметаат дека Европската Унија треба да ги преземе следните мерки пред изборите: повеќе транспарентност на социјалните мрежи за тоа кој стои позади политичките реклами. Граѓаните сметаат дека сите кандидати на изборите треба да добијат еднаков пристап до онлајн услугите, како и да добијат право на одговор на социјалните мрежи. Европејците бараат и воведување на изборен молк на социјалните мрежи, ист каков што постои за традиционалните медиуми.

-Нашите истражувања покажуваат дека луѓето се многу загрижени за дезинформациите. Она што е добро е дека сѐ повеќе граѓани се критични кон информациите кои им се нудат и свесни за мрачните сили кои сакаат да го маниуплираат тоа што го читаат, мислам и тоа за што на крајот гласаат, изјави потпретседателот на Европската Комисија и кандидат за претседател на следните избори, Франс Тимерманс.

Еврокомесарката за правда, Вера Јурова, оценува дека оваа анкета потврдува дека овие избори нема да бидат како ниту едни претходно.

-Граѓаните очекуваат фер и безбедни избори и повеќе информации за ЕУ и новите ликови во политиката. Се бориме против нелегалното манипулирање податоци и против дезинформациите, рече Јурова и побара целосно инволиврање на владите и политичките парии во ЕУ.

Изборот на новиот Европски Парламент ќе се одржи во сите земји членки на крајот на мај 2019.



Автор: Администратор
Објавено на: 26/11/2018 13:36