Украинскиот претседател Петро Порошенко соопшти дека на Врховната рада (Парламентот) ќе му предложи најавената воена состојба во земјата да трае 30 наместо претходно предвидените 60 дена.

Порошенко оваа одлука ја донел после консултации со претставници на политичките партии и со цел планираните претседателски избори во Украина непречено да се одржат во одредениот рок.

Другата цел е спречување на шпекулациите дека воената состојба се воведува само за да се одложат изборите.

Порошенко претходно потпиша указ за прогласување воена состојба во Украина до 25 јануари, но на тоа се спротивставија опозициските партии, како и тројца негови претходници на фунцкијата шеф на државата.

Првиот украински претседател Леонид Кравчук, кој беше на власт од 1991 до 1994 година, прочита писмо кое, покрај него, го потпишале уште двајца поранешни претседатели – Леонид Кучма и Виктор Јушченко, а во кое го истакнуваат своето противење на воведувањето воена состојба.

Во писмото е истакнато дека воведувањето воена состојба би претставувало „закана за демократијата“ затоа што тоа би ги оневозможило претседателските избори планирани за следната година.

Воената состојба би требало да стапи во сила на целата територија на Украина на 28 ноември во 9 часот по локално време.

Одлуката за воведување воена состојба Порошенко ја донесе по вчерашниот инцидент во Керченскиот Теснец, кога руски бродови запреле и задржале три украински бродови – два воени и еден реморкер, со 24 морнари.

Во меѓувреме, украинската Врховна рада ја одложи денешната седница на која требаше да биде одобрен указот за прогласување воена состојба. Членовите на неколку опозициски партии по почетокот на седницата го блокираа подиумот во Парламентот и побараа детална дискусија за моменталната ситуација, по инцидентот во Керченскиот Теснец.

Опозицијата смета дека Порошенко ја донел оваа одлука без согласност од лидерите на парламентарните групи, со што ја крши процедурата за донесување одлуки.



Автор: Администратор
Објавено на: 26/11/2018 19:05