Генералниот секретар НАТО Јенс Столтенберг побара од Русија да ги ослободи украинските бродови и морнари, истакнувајќи дека потегот на Москва нема никакво оправдување.

– Она што го видовме вчера е многу опасно. Сите сојузници искажаа целосна поддршка за украинскиот територијален интегритет и суверенитет – рече Столтенберг на прес-конференција по итниот состанок на Алијансата одржан по барање на Украина.

Според него, не постои оправдување за примена на воена сила против украинските бродови и екипажот, поради што од Русија е побарано веднаш да ги ослободи.

И американската амбасадорка во Обединетите нации Ники Хејли денеска ја предупреди Русија дека заплената на три украински бродови е „срамно нарушување на суверенитетот на украинската територија“ и „арогантен чин“ кој меѓународната заедница мора да го осуди.

Таа ова го изјави на вонредна седница на Советот за безбедност на ОН, одржана поради инцидентот во Керченскиот Теснец.

Турција денеска исто така изрази загриженост поради вестите дека руската армија отворила оган врз бродови на украинската морнарица, при што се повредени членови на екипажот, јави агенцијата Анадолија.

Турското Министерство за надворешни работи преку соопштение истакна дека Турција одблизу го следи развојот на настаните и порастот на тензиите во Азовското Море и Керченскиот Теснец.



Автор: Администратор
Објавено на: 26/11/2018 20:25