Во предвидениот рок од околу еден месец заврши реконструкцијата и преасфалтирањето на делницата долга 11 километри на регионалниот пат од Кочани кон туристичко-рекреативниот центар Пониква на Осоговските Планини.
За реализација на градежните работи Министерството за транспорт и врски инвестираше над 102 милиона денари, при што освен нов асфалтен слој на коловозот со широчина од шест метри, се работеше и на поправка на заштитната ограда и на пропустите за атмосферската вода.
-Ова е прва фаза од рехабилитацијата на патот кон Пониква, чија вкупна должина изнесува околу 22 километра. Во договор со Јавното претпријатие за државни патишта преасфалтирани се и околу два километри од пристапната улица „Страшо Ербапче“ во Кочани, која всушност е дел од регионалниот пат. За наредната година се планира да се реконструира преостанатата должина од патот, со што ќе се подобри безбедноста и ќе се олесни пристапот до планинскиот туристички центар, истакна Влатко Димитров, раководител на секторот за урбанизам на Општина Кочани.
Со реконструкцијата на првата делница, проширен е постојниот паркинг на Пониква, а прилагоден е и теренот кај месноста Аеродром, со што е обезбеден дополнителен простор за паркирање на уште 200 возила.