Пијат од водата и мијат раце и лице, а си полнат и за дома. Ктиторот Миле Гиновски од Скопје, информираше за МИА дека некогашниот извор, цели сто години бил надвор од употреба, а пред пет години беше повторно ставен во функција. Тој вели дека во изминатава половина деценија, откако е изграден верскиот објект, многу фамилии кои претходно немале рожба, си добиле дечиња, а голем бил и бројот на оние кои се излекувале од разни болести, по посетата на Гарниково.
-Голем број на луѓе доаѓаат овде на ова свето место, си наоѓаат себап, како што би рекол народот. Ве уверувам дека се имаат случено неколку чуда поврзани со ова свето место. Тие се запишуваат и ќе бидат овековечени во книга, рече Гиновски.
Kако прететседател на манастирскиот одбор, потсети дека овој духовен објект се изгради по Божји благослов и со чесни, посветени, добронамерни луѓе кои имаат љубов кон Бога. Во моментов се гради и мал конак, за престој на верниците.
Си ја претскажала смртта
Како новинар бев таму и на поставувањето на камен темелникот на верската градба , пред нешто повеќе од пет години. Тогаш пишував за 87 годишната кавадарчанка Срба Витанова, која сонила сон да гради манастир. Самата кажа дека светците и рекле да се нарекува Спаса. За неа кавадарчани се уште веруваат дека беше обдарена од светиот дух да ги гледа светците и да зборува со нив. Велат дека правеше своевидни чуда додека беше жива. Токму за неколку такви необични чуда раскажуваше и самиот Гиновски. Млади добивале пород по долго чекање. Невреме престанувало тогаш кога се чинело дека никогаш нема да престане, како со нож пресечено. Помош од неа барале луѓе од земјава, но и од странство. Самата си претскажала дека нема да умре дома и навистина пред три години умрела токму во манастирот, на денот кога таму се славело . Таквите чуда според него, сега кога повеќе ја нема старицата чудотворка, се случуваат благодарение на светиот објект, кој беше украсен со извонреден венец, претходно исплетен од цвеќиња.
Манастирчето се наоѓа на ридот над селото, на петнаесетина километри од Кавадарци, во прекрасна еколошка природа, на висорамнината Витачево, во подножјето на планината Кожуф. Извонредно беше чувството да се биде таму и во есен, за да се почувствува дека е прекрасно, без разлика на годишното време.
Требало да ја открие светата вода, за да му оздрави детето
Под манастирчето, крај лековитата вода ќе забележите и детска лулашка, која на симболичен начин ја продолжува традицијата од минатото, кога на такви лулашки се залулувале деца за здравје и среќа. Ја поставил Миле, откако претходно Света Петка му дошла на сон и го побарала тоа. За разлика од првиот пат кога таму беше буквално дивина и тешко можеше да се пристапи, меѓу другото и поради стрмнината, сега има направено скали по кои верниците и верските туристи непречено можат да се симнат.
-По кажувањата на бабата, во овој манастир е дозволено да се палат свеќи само за здравје, не и во спомен на мртвите. Овде можат да ја најдат сопствената среќа сите оние на кои тешко им оди да се омажат, оженат, или оние кои не можат да имаат деца, нагласи Гиновски, кој е магистер по криминологија.
Порано, на бабата и се сонило дека извесен човек треба да ја открие светата вода близу Гарниково, за да му оздрави детето кое му било болно. Тој не поверувал во тоа и детето лошо му завршило, не оздравело.
-И нам сигурно немаше добро да ни биде, ако не ја уредевме водата, па затоа се зафативме со оваа работа во која веруваме, рече скопјанец, еден од членовите на одборот.
Само петмина живеат во Гарниково
Гарниково има само петмина постојани жители.
Љубица Николова е од Велешко, се омажила во Кавадарци. Во градот живееле десет години, а откако сопругот и останал без работа, пред дваесет години одлучиле да го продолжат животот во Гарниково, од каде што тој потекнува. Одгледуваат над 450 овци.
Има 48 години и рече дека не и е досадно во селото. Имаат автомобил и ако им треба нешто, доаѓаат во градот.
Една од жените кои беа дојдени кажа дека на местото каде што е денес манастирот, некогаш била нивата на семејството на нејзиниот сопруг, на која саделе компир додека тој бил жив. Долу пак, саделе трева за овците.
Крај манастирот сретнав и 56-годишна кавадарчанка, по потекло од Гарниково. Позитивна личност и вистинско освежување за една новинарска приказна. Со насмевка откри дека уште како дете ја викаат "машка", оти им ги крадела на другите велосипедите и моторите, за да се повози малку.
-Прекарот ми остана. Возам кола и трактор уште од времето кога во Кавадарци на прсти се броеја жените шофери, орам, прскам, раскажа таа, почастувајќи ги присутните со мастика, вино и ракија, кои самата ги прави.
Бабата и дедото по мајка и биле од Гарниково, па како дете редовно доаѓала тука и им помагала во одгледувањето на околу 500 овци.
-Трчавме по околните ридови како деца, вујна ми под тој камен таму дете роди. Прекрасни спомени носам. Многу се раѓаше жито во рамниците. Стока имаше. Кога селото беше полно со луѓе немаше ниту струја, ниту вода, ниту пат. Сега се има, народ нема, коментираше таа.
Порано во Гарниково во деведесетина куќи зиме горел огнот во топлите огништа. Сега е речиси испустено, само во три куќи чадеа оџаците. За викенди и празници, доаѓале повеќе луѓе. Еден од постојаните жители е 53 годишниот сточар Перо Манев, кој заедно со сопругата Албанка и својот брат одгледува околу 130 овци и осум кози. Потекнува од селото, каде поминал голем дел од својот живот. Некое време живеел и во Кавадарци, па од пред неколку години му се вратил на родниот крај.