Започна украсувањето на куќата на Дедо Мраз во Кавадарци. Се работи за дворот од домот на кавадаречкото семејство Вареловски, кој веќе дваесет и една година по ред околу Нова Година е украсен со најразлични украси, а сопственикот во улога на Дедо Мраз, им дарува подароци на децата посетители од земјава и странство.

– Задоволство ми е кога ги гледам насмевките на децата кои го посетуваат волшебното царство на Дедо Мраз во мојот двор. Јас и моето семејство вложуваме многу труд, енергија и љубов за тие насмевки, вели Ѓорѓи Вареловски за МИА, нагласувајќи дека и годинава очекуваат многу деца, кои ќе ја почувствуваат новогодишната магија.

Смета дека овој настан е своевиден амбасадор на градот. – Мислам дека Кавадарци ќе биде препознатлив по Дедо Мраз. И тоа вистински. Не ги знам до толку големите броеви за да кажам колку сијалички и колку лампиони има во мојот двор секоја година во овој период, затоа што навистина многу ги има, вели Вареловски.

Додава дека за сите има подароци, упатувајќи порака до сите дечиња да бидат среќни и весели. – И нека се огледаат на Дедо Мраз и нека продолжат со добрите дела. Убавата работа е во дружењето, насмевките и позитивната енергија, порачува Вареловски.



Автор: Администратор
Објавено на: 28/11/2018 14:54