На средбата посветена на иднината на Сирија што се одржа во Астана, не беше постигнат видлив напредок околу прашањето за формирање на комисија задолжена за подготовка на новиот сириски устав, соопшти денеска Канцеларијата на пратеникот на ОН за Сирија, Стафан ди Мистура.

– Специјалниот пратеник Де Мистура изразува длабоко жалење бидејќи не е постигнат видлив напредок за излез од 10-месечниот ќор-сокак околу формирањето на уставната комисија, се наведува во соопштението објавено по завршувањето на средбата.

Според Канцеларијата на Де Мистура, на оваа последна средба во овој формат оваа година е пропуштена можноста да се забрза процесот за формирање на уставна комисија, што ќе вклучува претсавници на сите спротивставени страни во Сирија.

Де Мистура претходно најави дека планира договорот за формирање на сириската уставна комисија да биде постигнат до крајот на годината.

Средбите во Астана се одржуваат под покровителство на Русија, Турција и Иран, со учество на претставници на сириските власти и опозицијата. Според најавите, следната средба во овој формат ќе се одржи на почетокот на февруари идната година.



Автор: Администратор
Објавено на: 29/11/2018 13:24