Германската канцеларка Ангела Меркел денеска ги повика властите во Киев да покaжат воздржаност, откако украинскиот претседател Петро Порошенко го повика НАТО да испрати бродови во Азовското Море за да ја поддржи Украина во спорот со Русија околу Крим.
– Испраќаме молба до Украина да покаже воздржаност, бидејќи работите може да се решат само ако сите останеме разумни и ако разговаравме меѓу себе. Овие противречности не можат да бидат решени со воена сила, изјави Меркел во обраќањето на Германско-украинскиот економски форум во Берлин.
Таа нагласи дека за ситуацијата околу Азовското Море ќе разговара со рускиот претседател Владимир Путин за време на претстојниот Самит на Г-20 во Аргентина.
Меркел нагласи дека иако Договорите од Минск не довеле до решавање на кризата во Украина, Германија и Франција ќе продолжат да работат за надминување на проблемите во рамки на т.н. нормандиски формат, кој покрај овие две джрави го сочинуваат и Русија и Украина.
– „Минск“ овозможи избегнување на сериозна ескалација во Донбас, но не придонесе за политичко решавање на проблемот и таму секој дневно гинат луѓе, порача Меркел.
Порошенко во интервју за магазинот „Билд“ го повика НАТО да стационира воени бродови во Азовското Море и да ја поддржи Украина во спорот со Русија.
Тој оцени дека Путин сака да го окупира Азовското Море и затоа е потребна решителна реакција на Западот. – Единствениот јазик, што тој го разбира е единството на западниот свет, изјави Порошенко.
На ваквото барање на Порошенко, денеска реагираше и Москва која оцени дека очигледна цел на украинскиот претседател е да испровоцира дополнителни тензии.
– Тоа е насочено кон провоцирање дополнителни тензии и продолжување на провокативната политика во интерес на продизборните внатрешни политички интереси на претседателот Порошенко, изјави портпаролот на Кремљ, Дмитриј Песков.
Тензиите меѓу Москва и Кив ескалираа во неделата кога руската армија отвори оган врз три украински воени брода, кои се обиделе од Црното Море да влезат во Керченскиот Теснец, по што ги задржа украинските пловила заедно со 24-ца членови на нивните екипажи.
Украина тврди дека нејзините бродови се наоѓале во меѓународни територијални води, додека, според Русија, тие навлегле во нејзините води со цел да провоцираат нови тензии.