Германската фабрика „Дрекслмаер" од Кавадарци почна акција за пошумување, а првите дрвца ги посади директорот Лукас Мурингер. Активностите се во координација со Македонски шуми и локалната самоуправа.
Се пошумува во месноста Добров дол кај кавадаречкото село Ваташа. Станува збор за многу ерозивен терен каде имаше лизгање на земјиштето, па се очекува пошумувањето позитивно да влијае во иднина да нема свлечишта во тој дел на Кавадарци. Во акцијата ќе се засадат седум илјади садници багрем, нешто повеќе од бројот на вработени во фабриката. Во неколку дека, по одреден број на работници ќе учествуваат во пошумувањето.
Денеска на местото беа и директорот на подружницата на „Македонски шуми", „Бор" од Кавадарци, Блаже Бошески и шефот по заштита на шуми Петко Ристовски. Тие ја поздравија акцијата и изразија надеж дека ваквата иницијатива ќе ја следат и други. Се со цел повеќе зелени површини и почист воздух, како и помалку ерозија на земјиште.
Акцијата ја поздрави и кавадаречкиот градоначалник Митко Јанчев.