Првиот том од Македонската рок енциклопедија,приредена од Тошо Филиповски,беше промовирана во Гевгелија во присуство на голем број љубители на рок и поп музиката од различни генерации.
Биографиите во ова капитално дело на македонската рок музика претставуваат хронолошки приказ на снимки, изданија и концерти со прецизно забележување на сите достапни информации за еден бенд.
Енциклопедијата е печатена во илјада примероци на околу 500 страници кои содржат податоци за 333 македонски музички состави од различни жанрови, спомнати се околу 2.500 музичари и прикажани повеќе од 400 фотографии.
-Сакав да докажам дека македонската рок сцена не била толку мала и сиромашна како што мислат многумина. Го извадив македонскиот рокенрол од визбите и се што е направено изминативе 50 години да и биде достапно на јавноста.Генерален проблем ми беше тоа што досега никој не направил вакво нешто пред мене и немав со кого да се споредувам, рече авторот Тошо Филиповски.
Во првиот том на енциклопедијата од Гевгелија е застапена само групата Зијан, но авторот најави втор и трет том во кои ќе бидат опфатени и групите Орфеј, Тајфуни и Воденички камења кои се сметаат за зачетници на рок музиката во општина Гевгелија.