Москва денеска ги негираше тврдењата на Украина дека Русија ги блокирала двете главни украински пристаништа во Азовското Море.

Портпаролот на Кремљ, Дмитриј Песков изјави дека не му е познато оти има некакви проблеми, додавајќи дека поморскиот сообраќај низ Керчинскиот Проток, што ги поврзува Азовското и Црното Море, се одвива нормално.

Според Песков, понекогаш „доаѓа до одлагања на пловидбата, како резултат на лошите временски услови“.

Изјавата на Песков претставува реакција на тврдењето на министерот за инфрастуктура на Украина, Володимир Омељан, кој обвини дека Русија вовела „ефикасна блокада“ на двете главни украински пристаништа во Азовското Море – Бердјанск и Мариупол, не дозволува во нив да впловат или испловат какви било бродови.

Омељан на својот профил на Фејсбук објави дека на 35 брода не им било дозволено „извршување на нормалните операции“. Според него, Русија дозволува испловување само на бродови кои се движат кон руските пристаништа во Азовското Море.

– Целта е јасна – воведувајќи блокада на украинските пристаништа во Азовското Море, Русија се надева дека ќе ја потисне Украина од нејзината сопствена територија – територија која е наша во согласност со сите важечи меѓунардони закони, напиша Омељан.

Според него, 18 бродови чекаат да влезат во Азовското Море, од кои четири кон Бердајнск и 14 кон Мариупол. Од друга страна, девет брода чекаат на излез од Азовското Море, а уште осум стојат крај пристаништата очекувајќи дозвола да испловат, тврди украинскиот министер.



Автор: Администратор
Објавено на: 29/11/2018 15:35