Грузија ја избра Европа, изјави денеска новата претседателка на земјата Саломе Зурабишвили, која беше избрана на вториот круг од изборите со 59 проценти од гласовите.

– Сега е важно да покажеме дека земјата ја избра Европа. Затоа Грузијците избраа Европејка за претседател, изјави поранешната француска дипломатка.

Зурабишвили рече дека нема да работи во досегашната претседателска резиденција, туку во дворецот Орбелиани во Тбилиси.

– Таа зграда е многу поевропска од огромниот претседателски дворец во Авлабар, објасни таа и додаде дека за време на мандатот ќе живее во својот дом во центарот на Тбилиси и ќе оди пеш на работа.

Саломе Зурабишвили, поддржана од владејачката партија „Грузиски сон”, победи на вчерашните претседателски избори во Грузија. По преброени над 98 проценти од гласачките ливчиња, Зурабишвили го освои мнозинството од гласовите, соопшти Централната изборна комисија.

Сепак, опозицијата и ја оспорува победата.

За ривалот на Зурабишвили, Григол Вашадзе, кандидиран од главната опозициска сила „Единствено национално движење” на поранешниот претседател Михаил Саакашвили, гласале над 40 проценти од гласачите, при одзив од над 56 проценти.

Саакашвили, кој живее во Холандија, синоќа ги повика Грузијците да не признаваат резултатите од претседателските избори и од денеска да почнат со „масовна граѓанска непослушност“.

Во видео-порака од Холандија Саакашвили рече: „Никогаш нема да ги признаам резултатите од овие избори. Ова денеска не беа избори. Тоа не беше демократски процес”.

Церемонијата за стапување на должност на Зурабишвили ќе се одржи на 16 декември.



Автор: Администратор
Објавено на: 29/11/2018 18:12