Тимовите на Националниот ромски центар (НРЦ) ги посетија ромските семејства од кумановските населби за да ја подигнат свеста кај оваа заедница за потребите и значењето за легализација на нивните домови. Оваа активност НРЦ ја спроведува во партнерство со организациите “Симбиозис 12” од Куманово и “Бела Кула” од Кичево во рамки на проектот “Поддршка за легализација на ромско домување” финансиски поддржан од Европската Унија.
Преку проектот, сметаат од НРЦ, ќе се подобрат условите за домување на Ромите во Македонија и ќе им се овозможи поддршка на семејствата во процесот на легализација на нивните домови.
– Домувањето е поврзано со повеќе области во животот, лоши супстандардни услови за живот најчесто водат кон здравствени проблеми. Без адекватно домување многу потешко се доаѓа до квалитетно образование, а без образование тешко се наоѓа вработување. Имајќи ги предвид причинските врски помеѓу домувањето и другите области, пристапот во решавањето на прашањето за адекватно домување на ромската заедница е од суштинско значење.
Поради недоволна информираност за постапката за легализација и недоволна запознаеност во врска со нивните права, Ромите најчесто имаат недостаток на ресурси за да го започнат и да го завршат процесот на легализација – изјави проект-координаторот Александра Георгиевска.
Со проектот се очекува да бидат опфатени помеѓу 300 и 400 семејства на кои ќе им биде понудена правна помош во процесот на легализација на нивните домови, а освен Ромите во Куманово ќе бидат опфатени и Ромите од Кичево, Штип, Прилеп и Кочани.