Европскиот Парламент денеска усвои амандман со кој од Албанија се бара целосна истрага на околностите кои довеле до убиство на Констандинос Кацифас на 28 октомври годинава, во албанското погранично село Буларат, во престрелка со полицијата.

Амандманот е дел од извештајот на ЕП за пристапните преговори на Албанија со Европска унија усвоен денеска со 459 гласови „за“. Со амандманот се бара од албанските власти да ги истражат и да ги утврдат околностите што доведоа до смрт на Кацифас.

Амандманот бил поднесен од грчкиот пратеник од ПАСОК, Никос Андроулакис и германскиот социјалдемократ Кнут Флекенштајн, а беше поддржан од мнозинството во ЕП.

Претходно, на 13 ноември ЕП го отфрли барањето на кипарската европратеничка Елени Теохару, да се расправа за случајот „Кацифас“ и третирањето на грчкото малцинство во Албанија.

Теохару, која е известувач во сенка во преговорите за прием на Албанија во ЕУ е меѓу 52 грчки државјани кои Албанија ги прогласи за непожелни личности, и им забрани влез во земјата во период од пет години. Таквата одлука беше донесена поради „неприфатливата, навредлива и опасна активност“ на денот на погребот на албанскиот Грк, Кацифас, кој поседувал и грчко државјанство.

Убиството, се случи во Буларат, кај Ѓирокастро во близина на албанско-грчката граница, каде главно живеат припаданици на грчкото малцинство, а кои го одбележувале денот на влегувањето на Грција во Втората светска војна, 28 октомври 1940 година. Кацифас отворил оган од калашњиков кон полицајците кои го симнувале грчкото знаме од гробиштата во селото, на што тие возвратиле.

Настанот предизвика заладување на билатералните односи, дури го доведе во прашање продолжувањето на разговорите за одредени прашања меѓу двете земји.



Автор: Администратор
Објавено на: 29/11/2018 19:35