Советниците од ВМРО – ДПМНЕ не гласаа за усвојување на кварталниот извештај за извршување на буџетот на општина Ново Село за периодот од 1 јануари до 30 септември годинава.
Причина за тоа е што бројот на членови во Советот на општина Ново Село сега е еднаков, односно и СДСМ и ВМРО – ДПМНЕ имаат по седум советници.
Иако владејачката партија имаше мнозинство во Советот на оваа општина, по именувањето на советникот Горан Цветков за заменик градоначалник и откако поранешниот градоначалник Боро Стојчев поднесе оставка и се наоѓа на издржување затворска казна од 6 месеци, дојде до израмнување на советничките гласови.
Според претседателката на Советот на општина Ново Село, Валентина Попова, советничката група на ВМРО – ДПМНЕ не гласала и за прераспоредување на средства од буџетот на општината.
-Тие не гласаа и не дадоа образложение за нивната одлука. Сакам да додадам дека тие се ставија и над законите со тоа што не гласаа за измени и дополнување на статутот на Детската градинка „Сонце“ во Ново Село, иако знаат дека статутот се донесува врз основа на закон, рече претседателката на Советот, Валентина Попова.
Додаде дека опозициските советници не гласале и за други точки од дневниот ред, а единствено гласале за Програмата за зимско одржување на улици и патишта, како и за доделување помош на граѓани кои го побарале тоа од Советот на општината.