Мнозинството советници во Советот на Општина Штип на денешната седница го прифатија Предлог ценовникот за зголемување на цената на паркинг местата во Штип кој го достави ЈП „Стипион“.
МИА претходно информираше дека дневениот билет од досегашните 60 се покачува на 80 денари, месечниот билет за вработени во централното градско подрачје од 160 на 400 денари, а годишниот од 1.000 на 4.000 денари. Додека месечна универзална карта од 400 денари се покачува на 600 денари, а годишната од 3.000 на 6.000 денари. Предлог ценовникот за наплата на паркинг местата во Штип попладнево пред советниците го елаборираше директорот на ЈП „Стипион“, Сашко Протогеров, кој забележа дека веќе ќе нема резервации на паркинг местата, туку закупнина, која ќе чини 33.800 денари.
-Износот кој го предлагаме во ценовникот, во минатото беше многу поголем, но поради популизам, претходната локална власт го намали до нереални рамки. Дури и со покачувањето, цените се пониски од претходните и значително пониски од оние во другите градови, рече Протогеров.
На денешната седница на Советот на Општина Штип се донесоа и изгласаа извешатите за финансиското работење и на штипското комунално претпријатие „Исар“, се донесе и одлука за ликвидација на постојното претпријатие за регионалната депонија, потоа програмата за приоритетните проекти, кои што ќе бидат дел од буџетот за 2019 година.