Кремљ жали за одлуката на американската Влада да ја откаже средбата меѓу претседателите на Русија и САД, Владимир Путин и Доналд Трамп, изјави синоќа портпаролот на Путин, Дмитриј Песков.
– Тоа значи дека разгледувањето на сериозни прашања од меѓународниот и билатералниот дневен ред се одложува на неопределено време, рече тој.
Американскиот претседател Доналд Трамп вчера го откажа состанокот со претседателот на Русија, Владимир Путин, што беше планиран за в сабота.
Двајцата претседатели требаше да се сретнат на маргините на Самитот на Г20 во Аргентина.
– Со оглед на фактот дека морнарите и бродовите не се вратени од Русија во Украина, одлучив дека најдобро е за сите да го откажам претходно закажаниот состанок во Аргентина со претседателот Владимир Путин. Се радувам на значителен Самит, штом ќе биде решена оваа ситуација, напиша Трамп на Твитер.
Руските сили на 25 ноември запленија три бродови на украинската морнарица во Керченскиот Теснец, меѓу Црното и Азовското Море, тврдејќи дека нелегално влегле во руски територијални води.