Здружението за развој и заштита на бездомни животни „Грифон“ од Кичево, пред неколку месеци започна со акција за изградба на стационар, со цел згрижување на бездомните животни во Кичево. Објектот кој е планиран за стационар се наоѓа во с.Бигор Доленци, кичевско и истиот беше во руинирана и запуштена состојба. – Во текот на овие неколку месеци, со помош на доброволци, градежни фирми, фирми во приватна или државна сопственост, како и со помош на Општина Кичево, постигнавме голем напредок во пренамена на истиот објект. Земјиштето е израмнето, поставена е заштитна жица, спроведен е одвод и довод до објектот, внатрешноста на објектот е цементирана и изградени се првите куќарки за кучиња. Ние сме невладина, непрофитабилна организација и не располагаме со сопствени средства, па затоа целиот овој процес е тежок и долг. Со таа цел, сакаме да упатиме апел до сите фирми и поединци, колку што се нивните можности, да ни помогнат во забрзување на целиот овој процес, изјави Ѓорѓија Нестороски од здружението „Грифон“ од Кичево. Според него, изградбата на стационар е за доброто на целиот град, безбедноста по улиците е подеднакво важна за сите. – Ние како здружение кое се залага за заштита на бездомните животни сакаме да нагласиме дека покрај грижата за кучињата, акцентот го ставаме на безбедноста на граѓаните. Кучињата се бездомни единствено по заслуга на нас, луѓето, а наша цел е истите да ги згрижиме, со што ќе решиме два проблеми, тие ќе имаат топол дом, а граѓаните на Кичево нема да стравуваат дека би можеле да бидат нападнати од кучиња, вели Нестороски од здружението „Грифон“ од Кичево.



Автор: Администратор
Објавено на: 30/11/2018 11:45