Во Град Скопје денеска се одржа работилница „Мрежа на здрави градови“, на која учествуваа Никола Наумоски, раководител на Секторот за поддршка на градоначалникот, координаторот на проектот „Инхерит“ Драган Ѓорѓев и координаторот на Проектот за здрави населби Џон Хауи, на која се дискутираше за факторите кои влијаат на здравјето на граѓаните, особено факторот животна средина.
– Европската мрежа на „Здрави градови“ е дел од Светската здравствена организација. Во оваа мрежа се вклучуваат оние градови кои се подготвени да го постават здравјето на граѓаните како приоритет во работата на градските управи. Според Европската мрежа на здрави градови, на здравјето на граѓаните секогаш битно влијаат и дополнителни фактори како што се условите на домување, состојбата на животната средина, образованието, јавните услуги, социјалната заштита…, рече Наумоски.
Токму поради ова, посочи, решенијата за подобрување на здравјето се бараат и надвор од здравствениот сектор и затоа Мрежата на здрави градови смета дека решенијата за подобро здравје на граѓаните се и во локалната самоуправа, граѓанскиот сектор и бизнис секторот.
Додаде дека градовите кои се дел од оваа мрежа работат и се вклучени во глобалниот развоен Проект за здрави градови кој претставува фазен проект и секоја негова фаза трае пет години. Проектот почнал во осумдесетите години од минатиот век и досега се завршени пет фази. Во Европа денес постојат преку 90 проектни градови кои здружено работат на реализација на шестата фаза од проектот, а на глобално ниво проектот вклучува над 3.000 градови.
Истакна дека Градот Скопје се вклучил во Мрежата на здрави градови, поставувајќи си цели и задачи за обезбедување на подобри услови за живот на своите граѓани.
– Се приклучивме на Планот за чист воздух на Владата на РМ, за чија реализација ќе се примени систематски пристап во намалувањето на емисиите од сите идентификувани сектори во стратешки испланирани и распоредени мерки, кои ќе имаат за цел намалување на загадувањето на воздухот до 2020 година во Скопје до 50 отсто, приспособување и ублажување на влијанијата на климатските промени, заштита на постојните и изнаоѓање нови извори на водоснабдување, заштита на почвите од загадување и санирање и рекултивација на поранешните депонии, заштита од ерозија, поефикасно управување со отпадот преку воспоставување нов систем за подигање, транспортирање и депонирање, збогатување на зелениот фонд на градот преку подигање нови парковски површини, изградба на зелени коридори, зелени покриви и засадување нови садници на подрачјето на целиот град. За една година се подигнати за 50 отсто повеќе зелени површини споредено со минатата година, рече Наумоски.
Оваа есен, како што посочи, приоритет во акцијата за зазеленување се дрворедите, односно реконструкција на постојните и подигање нови.
Тој додаде дека се реконструирани повеќе паркови, заштитата на природата преку грижата за уредување на заштитените подрачја, унапредување на условите за јавен превоз и велосипедски сообраќај преку набавување 40 автобуси на гас и проширување на мрежата на велосипедски патеки, како и субвенции за велосипеди и електротротинети; обезбедување бесплатен превоз на инвалидизирани лица и елиминирање на бариерите за нивно непречено движење.
Во областа на образованието, рече тој, е извршена замена на азбестните покриви – поставени се енергетско ефикасни фасади, реконструирани се сите објекти на средните училишта, а во тек е поставувањето прочистувачи на воздухот во секоја училница со што ќе се обезбеди подобрување на условите за престој и учење на средношколците.
Наумоски додаде дека Градот Скопје заложбите за здрав град ги реализира во тесна соработка меѓу сите негови сектори, активна и непосредна соработка со граѓанскиот сектор, како и со здравствениот сектор заради обезбедување подобри животни услови за сите свои граѓани.