За 2019 година се обезбедени рекордни 1,1 милијарди денари за Планот за реализирање на мерките за вработување и со овие средства можеме да испланираме повеќе активни мерки за повеќе граѓани, истакна министерката за труд и социјална политика, Мила Царовска на денешната регионална инфо-бизнис средба „Шанса за сите“, што се одржа во Струмица.
Според министерката денес се соочуваме да имаме голема група на невработени граѓани од една страна, а од другата страна има големо побаарување на бизнис секторот за квалификувани работници, кои не можат да бидат понудени од страна на Агенцијата за вработување.
-Сметам дека новиот Оперативен план ќе биде прилагоден на потребите на бизнис заедницата и ќе може да вклучи што повеќе преквалификација и доквалификација, обука на работно место и исто така законот за практиканство кој е во процедура на носење за да можеме да обезбедиме брзо усогласување меѓу понудата и побарувачката, рече министерката Царовска.
На новинарско прашање дали се предвидува зголемување на поддршката за бизнис секторот за за ангажирање на соодветна работна рака, министерката за труд и социјална политика, Мила Царовска одговори дека токму со средбите кои се одржуваат по региони ќе може да се слушне нешто ново и да се креираат мерки кои ќе бидат различни од регион до регион и нема да бидат унифицирани.
За директорката на Агенцијата за вработување, Билјана Јовановска, најважно е Агенцијата да биде вистински сервис за граѓаните, вистински сервис за невработените и вработените и за работодавачите.
-Во текот на 2018 година се реализираа актинвите мерки и политики за вработување. Од Оперативниот план имавме мерки кои што водеа до директни вработувања, како што беа самовработувањето, субвенционирањето на плати, вработување на лица со посебни потреби, но имавме и активн мерки кои беа насочени кон невработените лица со цел тие да се стекнат со дополнителни вештини и знаења за да бидат обучени како би биле полесно вработливи и би можеле да побараат работа, истакна директорката на Агенцијата за вработување, Билјана Јовановска.
Градоначалникот на Струмица рече дека општината секогаш ги поддржува програмите кои нудат преквалификација и стручно усовршување.
-Свесни за проблемот со недостиг од квалификувана работна сила на пазарот на трудот согласно потребите на бизнис заедницата, иако, мислам дека во Струмица овој тренд се уште не е толку изразен како во други општини, ги поддржуваме сите програми и проекти кои нудат преквалификација и стручно усовршување, пред се, на младите луѓе, рече градоначалникот на општина Струмица, Коста Јаневски.
Вршителот на должност постојана претставничка на УНДП во земјава, Нарине Сахакјан, потенцираше дека заедно со министерството за труд и социјална политика, Агенцијата за вработување и општините го поддржува развојот во последните десет години на проекти за создавање нови работни места.