Советот на општина Велес на последната 24-та седница донесе одлука за изменување и дополнување за општински линиски превоз на патници во оваа локална самоуправа.

Како што информираат за МИА од општина Велес, поради измените на Законот за превоз во патниот сообраќај се јавила потреба да се доуреди мрежата на линии во општинскиот линиски превоз на патници во општина Велес .

-Секако, при ова посебно беше важно линиите со попатните стојалишта да се прилагодат на потребите за превоз на учениците, појаснуваат од службата за сообраќај при општина Велес. Бесплатниот автобуски превоз важи само за учеици кои живеат подалеку од училиште, а парите за оваа намена ќе одат преку училиштата, односно општината ќе ги обезбедува од својот буџет.

Во изминатите и оваа учебна година најголем дел од долговите на училиштата, освен за греење, беа и се уште се за превоз на ученици, поради што голем број на училишта беа и се уште се со блокирани сметки.

Во последната измена на Законот за превоз во патниот сообраќај предвидено е бесплатниот превоз на учениците, утврден во Законот за основно и Законот за средно образование на подрачјата на општините во земјава, каде има утврден возен ред од страна на општински линиски превозник на патници да се врши и бесплатен превоз на ученици кои живеат одреден број на километри далеку до училиште и назад. За градските и приградски линии каде има линии на јавен превоз, учениците наместо со комбиња наскоро ќе може да користат и јавен градски превоз.

Како што појаснуваат од општина Велес, оваа измена согласно Законот за превоз во патниот сообраќај ќе може да се примени по истекот на договорите, кои секое училиште со даден превозник ги има веќе склучено на одреден број месеци. Освен во општина Велес, ова ќе се однесува и за останатите општини во земјава за што треба да се изјаснат Советите на општините со цел линиите со попатните стојалишта за градски автобус да се прилагодат на потребите за превоз на ученици.

Општина Велес информира дека во населените места во општините каде нема линии и градски превоз, а согласно Законот за тие ученици и понатаму ќе има организиран бесплатен превоз со комбиња до училиште и назад.



Автор: Администратор
Објавено на: 30/11/2018 19:19