Водата од водоводот во виничкото село Градец е неисправна за пиење, поради што е издадена забрана за нејзина употреба.
Анализите на земените примероци што ги направил Центарот за јавно здравје од Кочани покажале поголемо присуство од законски дозволеното на вкупниот број бактерии во еден милилитар вода.
-Поради бактериолошката загаденост на водоводот, препорачавме жителите од ова село за пиење да користат флаширана вода, а за другите потреби водата од чешма да ја превриваат. Исто така, доставивме известување до надлежните во локалната самоуправа на Виница да преземат мерки за редовно дезинфецирање со резидуален хлор од 0,2 до 0,5 милиграми на литар. Од физичко-хемиски аспект исправноста на водата во Градец е во рамки на дозволените параметри, истакна Васил Пендевски, директор на Центарот за јавно здравје од Кочани.
По барање на Општина Виница, испитување на водата е направено и од водоводот во селото Истибања, но таму резултатите одговараат на законските прописи и стандарди и во поглед на бактериолошката и на физичко-хемиската исправност.