Околу 600 птици, меѓу кои канаринци во боја, папагали и егзоти се изложени во рамките на 25 –тиот орнитолошки шампионат што овие денови и претстојниот викенд по првпат ќе се одржува во Тетово.
Манифестацијата е во организација на Орнитолошката федерација на Македонија(ОФМ) и Здружението за заштита и одгледување на птици „Менада 2015“ од Тетово. Според секретарот на ОФМ Ивица Весов, на шампионатот има рекорден број изложени птици, а тие доаѓаат од околу 70 одгледувачи и 10 здрженија од целата територија на државата.
-Изложените птици се од повеќе секции и класи и тие се оценуваат по стандардите на Светската орнитолошка федерација: според бојата, држењето, квалитетот на пердувите, цртите. Она што е причина за задоволство е фактот што покрај рекодниот број изложени птици и квалтиетот е на се повисоко ниво од претходно. Комисијата што ги оценува птиците е составена од судии од Македонија и странство, рече Весов.
Овогодишното 25. издание на Орнитолошкиот шампионат на Македонија започна вчера со пристигнувањето на одгледувачите со своите птици во Тетово, денеска беше оценувањето на птиците, в сабота и недела изложбата ќе биде отворена за пошироката публика. Во недела ќе бидат прогласени најдобрите за кои организаторите имаат предвидено соодветни награди.