Американскиот претседател Доналд Трамп денеска изјави дека решил да ја откаже планираната средба со неговиот руски колега Владимир Путин на маргините на Самитот на Г-20 во Буенос Аирес, поради инцидентот со украинските бродови во близината на Крим.

– Тоа беше единствената причина, изјави Трамп во Буенос Аирес.

Во меѓу време, портпаролката на Белата куќа, Сара Сандерс ги негираше медиумските информации дека Трамп ја откажал средбата со Путин, по вчерашното сведочење на неговиот поранешен адвокат Мајкл Коен пред специјалниот обвинител Роберт Милер за бизнис врските на американскиот претседател во Русија во 2016 година.

Сандерс истакна дека истргата на Милер претставува „лов на руски вештерки“, што, според неа, ги поткопува американските односи со Русија.

– Тоа меѓутоа не е причината. Причината поради која е откажан состанокот е Украина, изјави Сандерс.

Претходно денеска портпаролот на Кремљ, Дмитриј Песков изјави дека Путин ќе има куса импровизирана средба со Трамп на маргините на Самитот на Г-20 во Буенос Аирес, но претставник на Белата куќа, кој побарал анонимност, негираше дека има планови за каква било средба меѓу двајцата претседатели.

На одлуката на Трамп за откажување на средбата со Путин, реагираше и рускиот министер за надворешни работи Сергеј Лавров, кој оцени дека решението на американскиот претседател не може да се сфати како чекор во добар правец.

– Се сомневам дека тоа е чекор што ќе придонесе за решевање на низата значајни меѓунардони проблеми. Но, природно, нема љубов на сила, изјави Лавров во интервју за телевизијата Русија 24.

Лавров оцени дека ако „внатрешната ситуација и притисокот на русофобите, како што се Украина и нејзините спонзори“, го попречуваат претседателот на САД да развива нормални односи со Путин, тогаш Русија ќе чека нова шанса.

Средбата меѓу Трамп и Путин требаше да се одржи утре во Буенос Аирес, но американскиот претседател вчера преку Твитер соопшти дека го откажува состанокот.

– Поради фактот што морнарите и бродовите не се вратени од Русија во Украина, одлучив дека најдобро за сите е да го откажам закажаниот состанок во Аргентина со претседателот Владимир Путин, напиша Трамп на Твитер.

Руската армија во неделата отвори оган врз три украински воени брода, кои се обиделе од Црното Море да влезат во Керченскиот Теснец, по што ги задржа украинските пловила заедно со 24-ца членови на нивните екипажи.

По ова Украина воведе воена состојба во своите погранични реони, обвинувајќи ја Русија дека го зголемува своето воено присутво на меѓусебната граница и побара распоредување бродови на НАТО во Азовското Море.



Автор: Администратор
Објавено на: 30/11/2018 20:05