Сопствениците на повеќе од 400 унгарски медиуми во координирана акција ги подарија своите компании на поранешен пратеник од владејачката партија ФИДЕС.

Станува збор за медиуми, чии сопственици се бизнис и политички сојузници на партијата на унгарскиот премиер Виктор Орбан. Подарените медиуми ќе бидат под контрола на фирмата „Централноевропска фондација за печат и медиуми“.

Подарокот или донацијата не подразбира парични трансакции, па така нема да биде платен ниту данок.

– Ставањето на стотици медиуми под контрола на една компанија потсетува на минати времиња на национализација во време на комунистичката власт и контрола на партијата над цело општество, објави Блумберг, додавајќи дека таква контрола и авторитарно однесување сакаат конзервативците кои „им се воодушевуваат на потезите на унгарскиот премиер Виктор Орбан“.

Блумберг наведува и дека конзервативците посебно се воодушевени од пресметката на Орбан со фондацијата на Џорџ Сорос „Отворено општество“ и „поставувањето на бодликава жица на границата за пречек на мигрантите“.

Унгарија во 2010 година беше на 23 место по медиумските слободи на Репортери без граници, додека годинава е на 73 место.

Меѓународните набљудувачи на медиумските слободи наведуваат дека во 2015 година Владата на Орбан беше поддржувана од 31 медиум, додека сега имаат поддршка од 500.



Автор: Администратор
Објавено на: 01/12/2018 01:09