Гостиварското вишо обвинителство е едно од нејнеефикасните во земјава. Ваквата состојба се должи на малиот број обвинители и големата тертиорија врз која има надлежност. Според последниот извештај изработен, видливо е дека речиси половината (56%) од вкупниот обем на предмети во 2017 година на подрачјето на Вишото јавно обвинителство Гостивар останале во работа. Како причина повеќе се наведува и недоволното ангажирање на обвинителите за совладување на приливот на предмети.

Анализата на податоците изнесени во последниот извештај се забележува дека на крајот на годината најголем број предмети што сé уште се во фаза на предистражна постапка, односно се во работа кај други органи.

Забележителен е проблемот од недостиг на администрација, бидејќи еден вработен истовремено работи како уписничар, сметководител, записничар и доставувач. Ваквата состојба носи голем број ризици во однос на ефективното и ефикасното извршување на работните задачи, се оценува во годишниот извештај на ЈОРМ.

ОЈО Гостивар со проширена надлежност и со четвроица обвинители

Во лошиот биланс на Вишото јавно обвинителство Гостивар, најмногу влијае ОЈО Гостивар. Тоа го покажуваат и анализите на податоците. ОЈО Гостивар учествува со 55,5 отсто од вкупното постапување на ова подрачје. Ова основно јавно обвинителство е со проширена надлежност и ги опфаќа подрачјата на општините Гостивар, Кичево, Дебар и Македонски Брод.

– Со оглед на обемот на постапување и територијата што спаѓа под ова основно јавно обвинителство, поразителен е фактот што функцијата јавен обвинител во ОЈО Гостивар во 2017 година ја извршуваа четворица јавни обвинители и основниот јавен обвинител. Од лани дополнително е намален за едно лице кое ги исполни условите за старосна пензија, се заклучува во извештајот.

Ваквата оценка ја потврдува и податокот од недостиг на обвинители за работа. Имено, согласно одлуката на Советот на јавните обвинители во Република Македонија во ОЈО Гостивар се предвидени девет јавни обвинители. Тоа значи дека јавнообвинителската функција ја извршува со само половина од потребниот број на јавни обвинители.

– Недоволниот број јавни обвинители е една од главните причини поради кои 56 отсто од вкупниот обем на предмети во 2017 година на подрачјето на Вишото јавно обвинителство Гостивар на крајот од годината останале во работа, но и недоволното ангажирање на постојните јавни обвинители за совладување на приливот на предмети, се констатира во извештајот на ЈОРМ.

Едно лице е уписничар, сметководител и доставувач

И во поглед на пополнетоста и застапеноста на работни места на административни службеници стои истата констатација дека најголемиот број од овие работни места не се пополнети во повеќето јавни обвинителства. Но, гостиварското вишо обвинителство предначи.

-Забележителен е проблемот од недостиг на администрација, бидејќи еден вработен истовремено работи задачи и на уписничар, сметководител, записничар и доставувач. Ова од друга страна носи со себе голем број ризици во однос на ефективното и ефикасното извршување на работните задачи.

Според препораките, во Вишо јавно обвинителство Гостивар се планирани седуммина административни службеници, а пополнети само две работни места. Лошо стојат во поглед на стручната работа: од планираните 15 стручно-административни вработени се само шест лица.

За над четири илјади кривични пријави, одлуки донесени за половина

На подрачјето на Вишото јавно обвинителство Гостивар во 2017 година во работа биле кривични пријави против вкупно 4.385 лица, од кои 2.234 пријавени лани, а против 2.151 лице од претходната 2016 година. Oдлуки биле донесени против 1.937 лица или 44 отсто, а во работа останале кривични пријави против 2.448 лица или 56 отсто.

Во Годишниот иввештај за работата на јавните обвинителства за 2017 година, што го објави ЈОРМ се наведува дека во ВЈО – Гостивар во текот на извештајната 2017 година за кривични дела против службената должност биле поднесени кривични пријави вкупно против 434 лица. Новопримени за 147 лица и од претходните години против 287 лица. Во однос на претходната 2016 година се забележува зголемување за 31 лице или 7,14 отсто.

Од вкупно поднесените кривични пријави за Злоупотреба на службената положба и овластување (од чл.353 од КЗ), поднесени се кривични пријави против вкупно 395 лица од кои 125 се новопримени и 270 од порано.

Обвинителите испитале 2.202 лица

Обемот на работа што го имаат јавните обвинители со стапување во сила на новиот Закон за кривична постапка и преминувањето на истрагата во рацете на јавните обвинители е осетно зголемен. Основните јавни обвинителства на подрачјето на ВЈО – Гостивар при спроведувањето на истражната постапка против вкупно 157 лица, испитале вкупно 2.202 лица во својство на осомничени, сведоци и оштетени, а донеле наредби за вештачења против 218 лица.

Во поглед на решавање на случаи интересен е и податокот за постигнати спогодби на подрачјето на ВЈО -Гостивар. Основните јавни обвинителства со користење на овој институт, оствариле паричен придонес во полза на Буџетот на РМ во вкупен паричен износ од 1.523.995,00 денари.

На подрачјето на Вишото јавно обвинителство Гостивар отфрлени се кривични пријави против 535 лица или 7,6 отсто од вкупниот број донесени решенија за отфрлање на кривични пријави. Во однос во 2016 година кога имало отфрлени кривични пријави против 718 лица, тоа претставува намалување за 183 лица. Во текот на извештајната година на подрачјето на Вишо јавно обвинителство Гостивар не е донесена пресуда со која е конфискуван имот.

Зоран Маџовски МИА



Автор: Администратор
Објавено на: 01/12/2018 10:52