Гевгелија за првпат ќе биде домаќин на кошаркарската репрезентација и сигурен сум дека ќе бидеме добри организатори, а гледачите ќе присуствуваат на една фер и спортска атмосфера и ќе се радуваат на победата на нашата репрезантација, рече градоначалникот Сашо Поцков на средбата со челниците на Кошаркарската федерација на Македонија која се одржа во пресрет на утрешниот преткфалификациски натпревар меѓу Македонија и Косово за Европското првенство 2021 година.
Селекторот Јорданчо Давитков рече дека атмосферата меѓу играчите е добра и изрази надеж дека со добра игра ќе ја совладаме репрезентацијата на Косово.
– Очекувам утре да биде вистински празник на кошарката во Гевгелија и ако победиме, бидејќи сум суеверен, ќе настојувам и во наредниот период од квалификациите повторно да играме во Гевгелија, изјави Давитков.
Генералниот секретар на КФМ, Владимир Темелковски, рече дека салата ги исполнува сите стандарди на ФИБА и дека Гевгелија има културни навивачи поради кои заслужува да биде домакин и организатор на добра игра и победа на македонската кошаркарска репрезентација.