Изложбата „Преспански ликовни мотиви“ со дела од Преспанските уметници, кои твореа инспирирани од убавината на регинот од утре до 13 декември ќе бидат изложени во домот на културата „Иван Мазов Климе“ во Кавадарци.

Директорот на домот на културата „Драги Тозија“ во Ресен, Васко Василевски, информираше дека ова е прва изложба на Преспанските уметници надвор од Ресен, а ќе бидат прикажани 30-тина слики, кои ги создаваа на 12 и 13 септември во Претор.-

-Нови видувања произлезени од четките на уметниците, кои пред себе како инспирација ја имаа распосланата Преспанска убавина, се најдоа на нивните платна. Ентузијазмот и љубовта кон ликовната уметност, беа ѕвездите водилки на учесниците на годинашната ликовна колонија, која веќе седма година ја организира Домот на културата во Ресен, истакна Василевски.

Делата се насликани во различни техники и, како што нагласи, остварија една нова димензија на заедништво со останатите творци.

-Затоа за нас е огромен успех што прв пат дела на наши роднокрајни уметници ќе бидат претставени во друг град, подвлече Василевски.

По изложбата, која во Ресен беше отворена на 26 септември во рамките на одбележувањето на деновите на Преспанскиот јаболкобер, ова ќе биде второ претставување на ликовните уметници од Преспа.



Автор: Администратор
Објавено на: 02/12/2018 13:21