По повод Меѓународниот ден на лица со посебни потреби, во организација на Хуманитарното здружение “Бели Гулаби”, а со поддршка на Рудник Саса и општината, во Македонска Каменица се одржа настан од хуманитарно забавен карактер наменет за лицата со посебни потреби. Соработката помеѓу локалната самоуправа и лицата со посебни потреби ќе продолжи и во 2019 година, најави градоначалничката Соња Стаменкова, а ќе се интензивира и соработката со повеќе здруженија и хуманитарни организации кои работат на надминување на нивните секојденевни бариери.

– Социоекономското етаблирање на лицата со посебни потреби во општеството ќе продолжи да се развива и преку работата на новотворениот Дневен центар за лица со посебни потреби во Македонска Каменица. Тоа е голем успех за нас како локална самоуправа, при што се надеваме дека со работата на Дневниот центар, во иднина ќе ви овозможиме социјална, економска и културна заштита и развој, како и целосна инклузија на лицата со посебни потреби во општественото живеење – истакна Стаменкова.

Наташа Џавелекова од Хуманитарното здружение „Бели Гулаби” рече дека секојдневната борба за подобар живот на штитениците во здружението и Центарот продолжува преку организирање разни проектни и програмски активности и учество во уште повеќе слични настани. Воедно ја поздрави соработката со локалната самоуправа и Рудник Саса, како главни помагатели и пријатели на проектите на “Бели Гулаби”.



Автор: Администратор
Објавено на: 02/12/2018 15:00